14.08.2019

Васко Тасев: A1 ми даде можност да работам за 1,2M корисници

Васко Таcев својата кариера во Vip ја започна како практикант во Одделот за Информациски системи за бизнис поддршка, а денеска работи како Специјалист за операции во системи за бизнис поддршка.

Неговата упорност и желбата да биде дел од мултинационална компанија му ги отвори вратите на Vip, па вели дека упорноста е клучната работа за да успеете, но важно е и да верувате во себе.

Како Васко, од студент на ФЕИТ стана дел од големото семејство на Vip?

Како завршуваат студиите, така созревате и размислувате кој е следниот чекор кој треба да го направите за да го продолжите процесот на учење и да започнете со својот професионален пат. Јас бев одлучен дека сакам својата кариера да ја започнам во корпоративна средина, во мултинационална компанија, која ќе ми овозможи да напредувам и да го надградам своето знаење, но стравот дека немате доволно искуство понекогаш ве враќа назад и ви создава дилема дали воопшто ќе стигнете до целта. Мојата приказна има среќен крај и е доказ дека компаниите во нашата држава ги отвораат вратите за младите луѓе кои се подготвени да работат и учат.

Во Vip започнав како практикант, по препорака на колешка, аплицирав на огласот во кој се бараше практикант во секторот за тестирање SQAT и по неколку дена бев на интервју. Бидејќи бев студент на ФЕИТ, насока Телекомуникации и информациско инженерство, ми понудија да бидам практикант во тимот на BSS Operations. Нормално, понудата ја прифатив без размислување, бидејќи беше вистински предизвик за мене, но и во склоп со моето искуство и образование. Целиот процес беше забавен, но и без многу одолговлекувања, бев на тестирање на кое поминав супер, а по неколку дена веќе бев на своето работно биро и започнав да работам како практикант во тимот на BSS.

Која е улогата на Одделот за за Информациски системи за поддршка на бизнисот?

Улогата на нашиот оддел и наша задача е да бидеме поддршка за настанатите проблеми и да најдеме соодветен начин да ги решиме истите, а пред се да ги решиме пред да биде афектиран корисникот. Нормално, тоа е голем предизик, но за мене клучната работа која ми помогна да го надградам своето знање и да ги научам системите за работа. Нашата задача е да работиме тимски, да си помагаме и во целост да бидеме насочени кон корисниците. Тимскиот дух во нашиот оддел можеше да го забележам уште од првиот ден, бидејќи колегите беа тие кои ми помогнаа да дојдам на местото на кое сум денес. Поддршката која ми ја даваа и знаењето кое несебично го споделија со мене ми помогна да балансирам повеѓу работата и студиите, а денес да бидам вреден член на семејстово Vip, самостојно и самоуверено да ги извршувам своите работни задачи.

Зошто Vip ја избра за стартна точка во твојата кариера?

Vip е една од поголемите компании во нашата држава, која секогаш ги следи светските трендови, а која често поставува нови трендови на нашиот пазар. Помислата да работите во една голема компанија, да имате повеќе од 1100 колеги и да работите за потребите на повеќе од 1,2 милиони корисници го крева адреналинот. Бев добро информиран за условите кои ги нуди компанијата, за учењето кое е индивидуално за секој еден вработен, за можноста за надградба и напредок, па самото тоа ми беше мотивација Vip да биде мојата почетна точка за работа. Кога на LinkedIn ја видов објавата за отворена работна позиција, знаев дека сум еден чекор поблиску до исполнување на својата цел.

Како изгледаше твојот прв работен ден?

Да бидам искрен, првиот работен ден бев малку збунет, голема компанија, многу колеги, динамична атмосфера, а јас се трудев да се вклопам и да ги запомнам имињата на колегите кои ги запознав тој ден, бев срамежлив, но за среќа дојдов во тим кој веднаш ме прифати, па адаптацијата траеше многу кратко.

После само 14 месеци, позицијата практикант ја заменивте со вработен. Која е разликата помеќу практикант и вработен?

Можеби само на почетокот, во првите неколку месеци мојата практикантска работа се разликуваше од тоа што го работам денес. Секако, целиот тој период работев на проекти, но најмногу се фокусирав да добијам што повеќе знаење за да можам да напредувам. Можам да кажам дека и двете позиции си носат свои одговорности, затоа што практикантската позиција е учење преку пракса, па со самото тоа вие сте во контакт со повеќе проекти и информации, кои често се доверливи. Кога позицијата практикант ја заменив со вработен во Vip, почувствував леснотија, затоа што знаев дека тоа е местото каде што сакав да работам и секако ја исполнив целта која си ја поставив пред повеќе од една година.

Во Vip се запозна со агилниот начин на работење, дигитализација, различни платформи за учење. Кои се другите бенефити кои ви ги понуди компанијата?

Многу е важно што Vip во своето работење секогаш поставува високи стандарди, почнувајќи од начинот како се пренесуваат информации надвор, до начинот на кој компанијата комуницира со нас вработените преку повеќе канали, па можноста информацијата да не стигне до вас е многу мала. Покрај сите можности кои компанијата ги нуди за учење и напредок, ви дава можност и за баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот, но што е најважно и да се надградувате на полиња кои можеби не се дел од вашата работна позиција, но кои ќе го подобрат вашето функционирање. Се е интересно, од начинот на закажување на состаноци, електрични тротинети кои можеме да ги користиме додека сме на работа, интерни игри за вработените, па дури и онлајн платформа за учење. Vip како дел од големото A1 семејство, ви дава можност да работите и соработувате со колегите од другите држави и да дознаете за трендовите кои таму се актуелни. Во времето на дигитализација физичката одалеченост воопшто не е пречка, па секогаш имаме можност да работиме во агилни тимови и заедно да застанеме пред секојдневните предизвици.

Што е следно?

Па нормално, да се почестиме со колегите :)

Назад

Слични содржини

Card image cap

А1 Македонија го реализираше првиот повик на 5G технологија

A1 Македонија, како компанија што постојано ги имплементира најсовремените технологии што обезбедуваат највисоко ниво на квалитетот на услугата за своите корисници...

Дознај повеќе
Card image cap

А1 Македонија ја одбележува Светската недела за грижа на корисниците.

Како компанија водена од премисата што поблиску до своите корисници кои секогаш се во фокусот на вниманието, А1 Македонија jа одбележува Светската недела за грижа на корисниците...

Дознај повеќе