Правила за нарачки на услуги и производи преку веб-страницата A1.mk

1. Вовед

1.1. Предмет на овие Правила за нарачки на услуги и производи преку веб-страницата www.a1.mk е утврдување на условите за нарачка, плаќање и достава на производи и/или услуги на А1 Македонија ДООЕЛ Скопје (во понатамошниот текст: А1 Македонија или Операторот) преку веб-страницата - www.A1.mk.

1.2 Преку веб-страницата www.A1.mk може да се купат следниве услуги и производи:

 постпејд електронски комуникациски услуги, преку склучување на нов Договор за засновање претплатнички однос за користење на јавни електронски комуникациски услуги со Операторот или обнова на постоечки Договор за засновање претплатнички однос за користење на јавни електронски комуникациски услуги и потпишување на останата претплатничка документација доколку е потребна (во понатамошниот текст: Претплатничка документација), со или без набавка на терминален уред;

  • дополнителни пакети/опции/промоции и СИМ картички за припејд електронски комуникациски услуги за користење на А1 тарифен модел;
  • мобилни телефони и друга терминална опрема/уреди (телевизори, лаптопи, таблети итн.).

 

1.3 Нарачување на услуги и производи преку веб-страницата www.A1.mk има право да иницира секое лице согласно Општите услови за пристап и користење на јавни електронски комуникациски услуги на А1 Македонија (во понатамошниот текст: Корисник).

1.4 За користење на електронски комуникациски услуги потребно е Корисникот да ги исполнува условите утврдени во Општите услови за пристап и користење јавни електронски комуникациски услуги на А1 Македонија ДООЕЛ Скопје, објавени на веб страницата www.A1.mk.

2. Процедура за нарачка

2.1 За нарачка на производи и/или услуги преку интернет Корисникот треба да пристапи на веб-страницата www.A1.mk на којашто е опишан одреден производ или услуга, од каде што го иницира процесот на нарачка. Со избор на копчето “НАРАЧАЈ”, Корисникот ќе има можност да избере кои од услугите и производите од актуелната понуда на Операторот има намера да ги нарача/купи. Цените на услугите и производите на Операторот се наведени на самата веб-страница од каде што се врши нарачката.

2.2 Корисникот го пополнува електронскиот формулар во кој ги внесува своите лични и други податоци потребни за реализација на нарачка и тоа: име и презиме, ЕМБГ, населено место и општина, адреса на живеалиште на Корисникот, адреса за достава на пратката, број на валидна лична карта или пасош и датум на важност, телефонски број за контакт и валидна e-mail адреса доколку се работи за физичко лице. Доколку се работи за правно лице се внесува и даночен број на правното лице (ЕДБ). Операторот не презема одговорност за неможност на реализација на направена нарачка поради погрешно внесени податоци од страна на Корисникот.

2.3 По извршениот избор, Корисникот прави преглед на направената нарачка при што ја потврдува нарачката и изборот на услуги и производи што има намера да ги купи од Операторот.

2.4 Во процесот на потврда на нарачката, Корисникот треба да се произнесе во однос на тоа дали се согласува за проверка на неговата кредитна способност. Доколку не се согласи со ваквата проверка, процесот на потврда на нарачката не може да биде реализиран.

2.5 Откако ќе ги пополни бараните информации и ќе ја потврди нивната точност и вистинитост, Корисникот добива нотификација на e-mail адресата определена од негова страна во нарачката, со која се известува дека нарачката е успешно примена од страна на Операторот. Ваквата нотификацијата ги содржи сите детали за направената нарачка од страна на Корисникот.

2.6 По потврдувањето на приемот на нарачката, Операторот врши анализа на примената нарачка од Корисникот и доколку се констатира постоење на некоја од пречките предвидени со Општите услови за пристап и користење јавни електронски комуникациски услуги на Операторот или се внесени неточни/нецелосни податоци, продажните агенти можат телефонски го контактираат Корисникот за да му ги објаснат причините зошто не може да се продолжи со реализација на неговата нарачка и фактот дека е потребно Корисникот да иницира нова нарачка каде ќе ги отстрани наведените пречки.

2.7 Доколку нарачаниот производ го нема на залиха, во моментот на прием на нарачката, на Корисникот ќе му биде понудено да избере некој друг соодветен производ од понудата на Операторот. Доколку Корисникот не избере друг заменски производ, нарачката нема да се реализира. Доколку Корисникот не избере друг заменски производ, а извршил плаќање по нарачката, Операторот ќе поведе постапка за враќање на уплатените средства во рок од 15 дена по откажување на нарачката.

3. Процедура за плаќање

3.1 Доколку во процесот на нарачка на веб-страницата се овозможени сите предуслови за купувањето да биде извршено електронски, Корисникот ќе биде пренасочен кон системот за електронско плаќање за уплата на цената согласно направената нарачка.

3.2 Во случај да се потребни дополнителни проверки од страна на Операторот, доколку по извршување на проверките се утврди дека предусловите за нарачка се исполнети, на Корисникот му се испраќа e-mail порака со линк до веб-страницата на процесинг-центарот преку кој се врши плаќањето по извршената нарачка. Истовремено, на Корисникот му се испраќа и единствен код, којшто ќе треба да биде внесен во системот за електронско плаќање заради успешна реализација на плаќањето. Корисникот треба во рок од 24 часа да ја плати нарачката, во спротивно нарачката ќе се смета за откажана.

3.3 Плаќањето се врши со сите кредитни или со дебитни картички, издадени од овластена банка, со исклучок на American Express и Diners картички, со коишто не може да се изврши плаќањето.

3.4 По извршеното плаќање, на Корисникот му се испраќа електронска порака на наведената e-mail адреса со потврда за плаќањето.

4. Процедура за доставување

4.1 По извршеното плаќање, Операторот ја подготвува пратката што ќе му биде доставена на Корисникот, преку овластена служба за достава (пратката во зависност од нарачаните производи и/или услуги може се состои од Претплатничка документација што Корисникот треба да ја потпише, СИМ картичка и/или терминална опрема, доколку истата е нарачана). Доставата на пратката се врши на трошок на Операторот.

4.2 Најдоцна во рок од 2 (два) работни дена од денот на извршеното плаќање, службата за достава ќе го контактира Корисникот за утврдување на точниот датум и време на достава на пратката, кој нема да биде подолг од 72 часа од моментот на контактирање на службата за достава.

4.3 Доставата се врши на адресата што Корисникот ја навел во електронскиот формулар при креирање на нарачката или на дополнителна локација, договорена со службата за достава.

4.4 Во моментот на вршење на испорака на доставата, Корисникот е должен да се легитимира пред претставникот на службата за достава со цел да го потврди својот идентитет, преку овозможување увид во неговата лична карта или патна исправа (пасош), односно со документот за идентификација кој ги содржи лични податоците на Корисникот кои биле внесени на веб-страницата www.a1.mk при креирање на нарачката.

4.5 По успешната потврда на идентитетот на Корисникот, претставникот на службата за достава:

  • обезбедува потпис на соодветната Претплатничка документација од страна на Корисникот (доколку нарачаните услуги на мобилна телефонија подразбираат склучување или обнова на Договор за засновање претплатнички однос за користење на јавни електронски комуникациски услуги со Операторот). Еден оригинален примерок од Претплатничката документација му се предава на Корисникот, додека другиот примерок се враќа на Операторот; и/или
  • ја предава пратката која може да содржи СИМ картичка, мобилен телефон или друга терминална опрема заедно со придружната документација за производот (гарантен лист, фактура за извршено плаќање) и/или потпишаната Претплатничка документација, при што Корисникот треба да го потпише формуларот за примопредавање на пратката.

 

4.6 По извршената достава и потпишување на Претплатничката документација од страна на Корисникот, Операторот ќе изврши активирање на услугите, коишто се предмет на потпишаната Претплатничка документација помеѓу Операторот и Корисникот, во рок не подолг од 5 (пет) работни дена од моментот на потпишување на Претплатничката документација, доколку се работи за јавни мобилни комуникациски услуги, или во рок не подолг од 15 (петнаесет) работни дена доколку се работи за јавни комуникациски услуги обезбедени на фиксна локација.

4.7 Ќе се смета дека процесот на достава на нарачката е неуспешен, доколку:

  • службата за достава не успее да го исконтактира Корисникот во рок од 3 (три) работни дена сметано од денот кога пратката е процесирана и што е предмет на достава во смисла на точка 4.1 од овие Правила за нарачки преку веб-страницата www.A1.mk;
  • Корисникот одбива да договори термин со службата за достава за испорака на пратката во смисла на точка 4.2 и 4.3, во рок од 72 часа од моментот на првичното контактирање.
  • Службата за достава не го најде Корисникот на наведената адреса на договорениот датум и време за достава во смисла на точка 4.3 од овие Правила за нарачки преку веб-страницата www.A1.mk;
  • Корисникот не го потврди својот идентитет пред овластеното лице на службата за достава во смисла на точка 4.4 од овие Правила за нарачки преку веб-страницата www.A1.mk;
  • Корисникот одбие да ја потпише во целост предметната Претплатничка документација или формулар за достава на пратката што му е доставена за потпис, потребна за реализација на неговата нарачка во смисла на точка 4.5 од овие Правила за нарачки преку веб-страницата www.A1.mk.

4.8 При настапување на која било од погоре наведените околности во точка 4.7, нарачката се смета за откажана од страна на Корисникот, после што во рок од 15 (петнаесет) дена на Корисникот му се враќа на сметка целокупниот износ што го платил за предметната нарачка.

5. Правни напомени

5.1 Корисникот потврдува дека е запознаен со следното:

5.1.1 Операторот нема да сноси никаква одговорност за евентуалната штета што би ја претрпел Корисникот и/или трети лица како последица на несоодветно и/или неовластено користење на платежната картичка, или нејзина злоупотреба или неовластено користење од трето лице без знаење и согласност на сопственикот, ниту за штета што би можела да настане како резултат на прекин на интернет-врската во моментот на вршењето на онлајн-плаќањето преку процесинг-центарот. Операторот исто така нема да сноси никаква одговорност за евентуалната штета што би ја претрпел Корисникот како последица на несоодветно и/или неовластено користење на личните податоци на Корисникот од страна на трети лица, за кои Операторот не знаел ниту можел да знае дека не се користени од самиот Корисник, односно дека станува збор за злоупотреба на лични податоци од страна на трети лица.

5.1.2 Нарачката ќе се смета за потврдена кога Операторот ќе добие повратна информација, од системот за плаќање на процесинг-центарот, дека плаќањето е успешно извршено. Операторот нема да постапува по нарачката без позитивна потврда за претходно извршена уплата.

5.1.3 Корисниците што извршиле соодветна уплата на нарачката и добиле нотификација преку e-mail од страна на Операторот со потврда за успешно извршена уплата, а не ја добиле платената услуга/производ во наведените рокови во овие Правила за нарачка преку веб-страницата www.A1.mk, имаат право да поднесат приговор согласно законските прописи кои ја регулираат материјата на електронски комуникации.

5.2 Операторот го задржува правото самостојно да одлучува кои од производите и услугите од своето продажно портфолио ќе ги направи достапни за своите корисници преку интернет продажба преку веб-страницата www.A1.mk.

5.3 Обработката на личните податоци на Корисникот ја врши Операторот и службата за достава ангажирана од страна на Операторот согласно прописите за заштита на лични податоци, преземајќи ги сите пропишани технички и организациони мерки за обезедување на тајност и заштита при обработката на личните податоци со кои располага. Личните податоци, потребни за реализација на купопродажбата на производи и услуги, нема да се обработуваат за ниту една друга цел, освен за реализација на направената нарачка преку интернет. Повеќе информации за начинот на обработка на личните податоци и мерките кои Операторот ги презема за заштита на личните податоци се содржани во Изјавата за заштита на личните податоци објавена на веб страницата www.A1.mk.

5.4 Доколку Корисникот смета дека е испорачан производот што има соодветен квалитет, а што не одговара во однос на формата, големината, моделот, бојата, бројот или од други причини, може да побара негова замена во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на неговото купување, ако производот не бил употребуван, ако е сочуван изгледот на производот, употребните својства, пломбите, фабричките етикети, како и фактурата која Операторот ја издава по извршеното плаќање од страна на Корисникот.

5.5 Операторот го задржува правото за измена на овие Правила за нарачки преку веб-страницата www.a1.mk на услуги и производи преку веб-страницата www.A1.mk во секое време без претходна најава. Доколку дојде до измена на овие Правила за нарачки преку веб-страницата www.A1.mk, истите ќе бидат јавно објавени и достапни за корисниците на веб-страницата www.A1.mk. За нарачките коишто се во постапка на реализација се применуваат правилата коишто важеле во моментот на нарачката.