Одговорно со технологијата.
За побезбеден сообраќај.

Иницијатива на А1 Македонија во соработка со Министерството за внатрешни работи, за подигнување на свеста за одговорно користење на технологијата во сообраќајот.

За кампањата

„Одговорно со технологијата. За побезбеден сообраќај.“ е национална кампања за безбедност во сообраќајот, иницирана и спроведена од А1 Македонија во соработка со Министерство за внатрешни работи. Кампањата има јасна и важна цел – да ја подигне јавната свест за одговорното користење на технологијата во сообраќајот и да поттикне промена во секојдневните навики и однесување на сите учесници во сообраќајот.

Во време кога мобилниот телефон е постојано присутен во нашето секојдневие, невниманието зад воланот, на пешачки премин или додека се движиме низ градот станува сè поголем ризик. Една порака, краток поглед кон екранот или момент на расеаност може да предизвика последици што засекогаш менуваат животи.

Како телекомуникациска компанија која секојдневно ги поврзува луѓето преку мобилна технологија и комуникација, свесни сме за влијанието што технологијата го има врз секојдневниот живот. Токму затоа, чувствуваме одговорност не само да овозможуваме поврзаност, туку и активно да придонесуваме кон подигнување на свеста за безбедно, одговорно и внимателно користење на технологијата, особено во сообраќајот.

Сообраќајот е дел од секојдневието на сите нас. Секој ден сме учесници во него и како возачи, пешаци, велосипедисти или корисници на електрични тротинети. Токму затоа, безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност и бара поголема свесност, внимание и култура од сите.

Кампања А1 - Одговорно со технологијата
Кампања А1 - Пораки и сообраќај
Кампања А1 - Телефон во сообраќај

Неодговорен повик

Кампањата започна со „Неодговорен повик“, инспирирана од најтешкиот момент што го доживуваат семејствата и блиските на жртвите од сообраќајни несреќи, моментот кога телефонот ѕвони, а никој повеќе не се јавува. Преку пораката „Јави се и слушни“, кампањата отвори силна општествена тема и поттикна јавна дискусија за ризиците од невнимание и користење мобилен телефон во сообраќајот.

Телефонскиот број што беше достапен на јавноста предизвика огромен интерес и регистрираше илјадници повици за само неколку дена, потврдувајќи дека темата силно одекна кај граѓаните и отвори простор за поширока општествена дискусија.

Иницијативата беше официјално лансирана на 11 мај – Светскиот ден на културата во сообраќајот, преку повеќе комуникациски активности на дигитални канали, outdoor позиции, радио, социјални мрежи и јавни настани и продолжи со силна национална комуникација со цел пораката да стигне до што поголем број граѓани и да поттикне реална промена во однесувањето во сообраќајот.

Како компанија чија мисија е да ги поврзува луѓето со оние што им значат најмногу, веруваме дека нашата одговорност не завршува само со технологијата. Подеднакво важно е да потсетиме и кога е време да се исклучиме.

Затоа што ниту една порака, повик или нотификација не вреди повеќе од човечки живот.

Одговорно со технологијата.
За побезбеден сообраќај.