08.08.2022

Роботизацијата дел од дигиталната трансформација на А1 Македонија

Денес роботизацијата на бизнис-процесите (RPA-Robotic Process Automation) е една од најважните двигатели на дигиталната трансформација на компаниите. Станува збор за софтверска платформа со која се автоматизираат бизнис-процеси и се создаваат софтверски роботи, односно виртуелни вработени што извршуваат мануелни и репетитивни задачи што вообичаено ги извршувале луѓе. RPA е технологија што овозможува брз развој на роботи врз постојната системска инфраструктура и без значителни системски и интеграциски промени. Главниот фокус и придобивка е секако заштедата на време, односно префрлање на репетитивните, мануелни задачи од луѓе на роботи и ослободување на истото време за попаметни и попродуктивни активности. Освен што овозможува намалување на времето на процесирање одредени трансакции, роботизацијата значително ги намалува човечките грешки, а го зголемува квалитетот на податоци.

Како изгледа процесот на имплементација на еден робот?

Сѐ започнува со идеја, меѓутоа за да еден робот премине од идеја во оператива, поминува низ неколку клучни фази:

  • идентификација на потенцијални процеси;
  • детална бизнис-анализа;
  • развој и тестирање;
  • фаза на паралелна работа и активно следење.

Сите идеи се собираат и поминуваат низ еден филтер на селекција каде што иницијално проценуваме колку е добивката и ROI и колку е технички возможно тој процес да се роботизира. Сите процеси што ќе ја поминат оваа почетна фаза влегуваат во наредна, која подразбира детална бизнис-анализа. Секој процес треба да биде опишан преку конечен број точно определени логички услови и нивните исходи. Откако имаме подготвена функционална и техничка анализа, се подготвуваме со соодветни системски креденцијали, соодветни пермисии и мрежни пропуштања од машините каде што ќе работат роботите до потребните системи вклучени во процесот. По целосната подготовка следува фазата на развој и тестирање. Многу важен дел од циклусот на еден робот е фазата Hypercare, односно периодот во кој роботот работи паралелно со колегата што вообичаено ги изведува активностите. Овој период е клучен за потврда дека сите сценарија се покриени и дека роботот може понатаму да функционира независно и без грешки. Кога сè ова ќе се потврди, можеме конечно да кажеме дека имаме оперативен робот, кој работи на продукциски околини во точно закажано време на некој сервер и без потреба од човечка интервенција.

Кои оддели се вклучени во работата и каде има најголеми можности за роботизација?

Работиме со сите можни оддели, од корисничка поддршка, продажба, администрација, финансии, до маркетинг и техника. Ова е проект што стратегиски треба да ги опслужи сите внатрешни оддели и да овозможи брза автоматизација на различни типови процеси, кои вклучуваат различна комбинација на системи и специфична логика на процесирање во зависност од бизнис-доменот.

Речиси сите оддели во компанијата имаат мануелни и репетитивни процеси, меѓутоа главно се во деловите каде што се процесираат кориснички барања, како тикети, фактури, активации, продажби или корисничка документација. Најголем потенцијал и приоритет имаат процесите што се со најголема фреквенција на извршување, на пример секој ден голем број дневни трансакции.

Кои се најголемите предизвици за роботизација на процесите?

Почетокот секогаш е најтежок, односно самото доаѓање до вистинските потенцијали за роботизација е првиот предизвик. Предлозите може да дојдат од колегите од одделите кои имаат повторувачки процеси или од менаџер на одреден оддел. Процесот на идентификација на вистинскиот потенцијал е многу сличен со процесот на продажба, што значи дека најчесто треба да се погледнат и да се проценат десет процеси за да се дојде до еден што навистина може и вреди да се роботизира. Ова можеби за некого делува обесхрабрувачки и како изгубено време, меѓутоа со секој елиминиран процес сме сè поблиску до реалниот потенцијал.

Вториот голем предизвик настанува при самата процесна анализа, каде што многу често доаѓаме до заклучокот дека немаме доволно податоци во структурирана форма што е неопходно за роботизација. Доста често за да можеме нешто да автоматизираме, правиме прво минимална промена во системите, односно го структурираме начинот на внес на тие податоци, а потоа продолжуваме со втората фаза односно роботизација на самиот процес.

Каква е иднината на роботите во А1 Македонија и кој е ефектот што го имаат во процесот на дигиталната трансформација?

Роботите се тука за да останат и мора да ги прифатиме како дел од нашата нова реалност, која се состои од комбинација на вработени и виртуелна работна сила што коегзистира во една попродуктивна околина за нас луѓето. А1 Македонија ја има вклучено одамна роботизацијата на бизнис-процесите во фокус на својата стратегија и е пионер и пример за реализација на дигитална трансформација. Со роботизацијата на бизнис-процесите овозможуваме брза end-to-end автоматизација што се наоѓа на врвот на постојната системска архитектура, не побарува скап и екстензивен развој за системски интеграции и вродува со многу брз ROI. Заштедата на времето претходно посветено на рачни и досадни активности, отвора простор на подолг рок за up-skilling и re-skilling на вработените. Ова значи постепено намалување на позициите што вклучуваат мануелни и репетитивни одговорности, кои и онака имаат повисок turnover поради тоа што не се доволно предизвикувачки, и пренасочување и отворање нови работни позиции каде што е потребна човечката интелигенција, креативност и работа со напредни технологии.

Без разлика дали станува збор за поголема или за помала компанија што сака да го подобри својот бизнис, за да ја зголеми конкурентноста во денешниот динамичен пазар, мора да ја има во фокус дигитализацијата и да го искористи потенцијалот што RPA (Robotic Process Automation) го нуди како нова и моќна технологија за брза автоматизација на внатрешните бизнис-процеси.

Назад

Слични содржини

Card image cap

NASTEL

М-р Зоран Азманов - Претседател на надзорен одбор

Дознај повеќе
Card image cap

Промис ДООЕЛ

Промис на македонскиот пазар е присутен повеќе од 30 години, со искуство во опремување на деловни простории како и одржување на хигиената на највисоко ниво...

Дознај повеќе