23.07.2021

Програмирањето, начин да се поттикне креативноста, љубопитноста и да се тренира логичкото размислување

ИТ сферата сигурно е една од најбрзо растечките дејности иако во минатите години ова беше таканаречена машка професија, сега се повеќе жени и млади девојки ги разбиваат стереотипите и се пронаоѓаат себеси токму во информатичката технологија. А1 Македонија ја сочинуваат 50% жени од кои се повеќе расте бројот во техничкиот оддел и ИТ. Сакаме да ги споделиме нивните приказни бидејќи тие се паметни, амбициозни и знаат како да се грижат за себе. Ја претставуваме Марија Богданова, Постар специјалист за Инфраструктура и Cloud.

Која е Марија?

Како ентузијаст и личност предводена од предизвици, во 2012 година се запишав на Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии во Скопје. По дипломирањето, во 2016 година ја започнав својата кариера како Помлад Администратор на Апликации, а после 2 и пол години, па се до сега, го продолжив својот кариерен пат во тимот за Инфраструктура и развој на Cloud, во одделот за Информатички Технологии и деловни системи во А1 Македонија. Во 2019-та година, ги завршив и Магистерските студии во рамки на ФЕИТ, на насоката Комуникациски и Информациски Технологии.

Пасијата кон ИТ...

Отсекогаш сум се интересирала да разберам како работат нештата, особено во сфера на технологијата, која направила и прави многу незамисливи работи да станат возможни. Првиот момент кој ме наведе да тргнам по овој кариерен пат, беше првиот контакт со програмирањето во гимназија – првите неколку редови код во PASCAL  Програмирањето беше начин да се поттикне креативноста, љубопитноста и да се тренира логичкото размислување.

За почетоците во А1...

А1 беше првата корпоративна средина со која се среќавам. Имав 21 година и пробував да ја приближам мојата позитивна енергија до сите колеги, како и до ден денес. Бев изненадена од односот со колегите и тимовите и меѓусебното почитување. Секој работен предизвик го сфаќав како можност да го применам или надградам досегашното знаење. Бев дел од тим со големи експерти, кои несебично одговараа на моите прашања и беа достапни за консултации, за што сум многу благодарна.

Од “know it all” во “learn it all” став

Сведоци сме дека технологијата е во постојан прогрес. Од круцијално значење за еден ИТ инженер е да се обиде да биде во чекор со времето, да инвестира постојано во учење на нови технологии, да пробува, да тестира, да интегрира, да споредува, односно да премине од “know it all” став, во “learn it all” став.

Исто така, за секоја задача/проект/продукт, важно е да се знае која е дестинацијата и зошто е потребно да стигнеме таму. Се што правиме, треба да сме способни да го објасниме како процес – ако не сме способни да го направиме тоа, тогаш не сме сигурни што правиме. Секој член во тимот треба да има јасна улога во процесот, и да биде свесен дека неговиот придонес и постапки имаат импакт врз конечниот резултат.

Секогаш во фокус е потребно да се стави корисникот, да се погледне од негова перспектива, да се осознаат неговите потреби и очекувања. При донесување на некоја одлука или одбирање на некој правец, секогаш се поаѓа од оваа појдовна точка.

Што те привлекува кон ИТ?

Неизвесноста додека се реши одреден предизвик и задоволството откако ќе се открие решението на предизвикот.

За што мечтае еден ИТ експерт?

Еден ИТ експерт мечтае за имплементирано решение со 100% достапност и 100% сигурност. Нормално, овој висок процент е невозможно да се достигне, меѓутоа наша одговорност е да поставиме архитектура за решението да биде достапно и сигурно многу блиску до овој процент.

Препорака до младите девојки кои размислуваат дали да влезат во ИТ секторот

Ги охрабрувам младите девојки кои се амбициозни и имаат желба за континуиран развој, да зачекорат во ИТ сферата. Постојат премногу насоки по кои можат да почнат да се движат и различни избори кои можат да ги направат. Една од најважните работи е да одберат средина во која ќе можат да се развиваат, да работат на актуелни технологии и во нивниот развој да бидат придружени од ментори кои можат да им пренесат искуства и да го следат нивниот развој.

Би им препорачала се што прават, или да го направат најдобро што е можно, или да не го прават воопшто. Да се фокусираат на работите на кои можат да влијаат, и да се свесни дека нивните постапки имаат импакт и ќе направат разлика.

Назад

Слични содржини

Card image cap

М-р Маријана Димоска

akcija.com.mk е онлајн продавница која нуди широка палета од преку 20.000 производи за домаќинство, декор и мебел, по принципот “склопи сам“...

Дознај повеќе
Card image cap

Тијана Станојевска Ристовска

Генерален директор

Дознај повеќе