21.01.2022

На брановите на современите 5G трендови во мобилните комуникации

Не беше толку одамна времето кога комуникациските уреди беа исклучиво врзани со кабел за ѕидот, а автоматизацијата на процесите беше неизбежно поврзана со комплексни мрежи базирани на кабли... Во последните децении тенденцијата кон поедноставување и олеснување на комуникациите зема се поголем замав, како за индивидуалните корисници, така и за поврзаните уреди, индустриски машини, паметни уреди итн. Покрај тоа што нивниот број многукратно се зголемува, во денешниот дигитален свет се поголем акцент се става на нивната мобилност, достапност и секако, врвни перформанси.

Дел од овие предизвици беа успешно совладувани од претходните генерации на мобилни комуникациски мрежи, GSM, UMTS, LTE, но и Wi-Fi мрежите. Сепак, потребите на корисниците за повеќе капацитет и гигабитни брзини, педесеткратно пократки латенции (време на реакција) и комуникација во реално време, како и најмалку сто-кратно зголемениот број на поврзани уреди на мрежите доведоа до потреба за примена на нова филозофија и архитектура во изградбата на мобилни мрежи која ќе може успешно да се справи со потребите на корисниците најмалку во следните 5-10 години. Мрежите од петтата генерација не само што се далеку побрзи и со зголемен капацитет во однос на претходните генерации, туку се и далеку пофлексибилни и подинамични со што овозможуваат, покрај постоечките, поддршка и за целосно нови и поинакви начини на обезбедување на комуникациските услуги, но и развој на успешни партнерства кои ќе резултираат во мноштво нови, иновативни услуги.

Столбови на оваа нова генерација се новите фреквентни опсези кои заедно со новиот радио интерфејс овозможуваат нов и современ пристап кон ефикасната употреба на радио-фреквенциите, како и новата архитектура на Сloud-базирани мрежни функции кои динамично и автоматизирано се прилагодуваат на потребите за обезбедување дополнителен капацитет за нови услуги.

Телеком Австрија Групацијата е еден од пионерите на оваа нова технологија, која веќе комерцијално се користи во дел од земјите во регионот. Австрија, Бугарија, Хрватска, Словенија се дел од земјите каде 5G одобренијата се издадени од националните регулаторни тела и веќе се надградени неколку илјади А1 базни станици со 5G со што корисниците веќе можат да почувствуваат дел од придобивките кои ги носи оваа технологија. 

А1 Македонија успешно изврши тестирање на 5G технологијата и интензивно работи на надградба на својата мрежа за нејзина активација и примена веднаш штом бидат доделени фреквенции од страна на регулаторот.

Придобивките за корисниците се многукратни, покрај гигабитните брзини и тактилноста, се отвараат можности за огромен број на нови услуги и создавање на индустриски вертикали кои денес воопшто и не постојат. Можноста за обезбедување достап до интернет за домаќинства и деловни клиенти со перформанси слични на оптичка врска отвара прилики за нови услуги со значително подобрени, но и гарантирани нивоа на перформанси.

Со дистрибуција на обработката на податоци (Compute) поблиску до секој индивидуален корисник наместо централно, како што е денес, Gaming во „облакот“ со далеку подобри перформанси одошто е тоа можно на било кој домашен компјутер, е една од првите придобивки која гејмерите ќе ја почувствуваат. Оваа технологија овозможува една цела нова палета на мрежни услуги и решенија за корисници на кои им значи кратката латенција (тактилен интернет, аугументирана / виртуелна реалност,  прецизно позиционирање и управување на автономни возила и роботи и многу, многу други).

Network Slicing е уште една од придобивките на Сloud-базираната мрежна топологија. Со овозможување на автоматско креирање и реконфигурација на засебна, логичка мрежа со специфична конфигурација, топологија и мрежни елементи кои точно одговараат на конкретните потреби на одреден корисник (или услуга) се отвара можност за дополнителни услуги со гарантиран квалитет. Ваквите мрежи имаат ненадминати нивоа на безбедност на податоците, еквивалентни на корпоративна/приватна мрежа.

Безбедноста во 5G е исто така многукратно зголемена, со новите 5G безбедносни алгоритми нивото на мрежна безбедност е значително унепредено.

Индустриската примена на 5G во производствените хали и индустриски постројки отвара ново поглавје во можностите за развој на нови индустриски гранки, како и модернизација на постоечките преку постигнување на значително поедноставување  и намалување на производствените трошоци преку овозможување нови начини за автоматизација на процесите, но и зголемена флексибилност и многу брза реконфигурација на производствените линии/процеси. Предностите се секако огромни и неизбежно ќе имаат огромно влијание на насоките во кои индустриите се развиваат во екот на четвртата индустриска револуција. Денес е веќе видливо дека единствено преку автоматизација и максимална агилност ќе може да се осигура конкурентноста на еден бизнис во новото време. Приватните 5G Сloud мрежи за деловните и корпоративните корисници овозможуваат едноставно создавање на безбедни и сигурни, затворени приватни мрежи со врвни перформанси кои го осигуруваат задржувањето на чувствителните деловни податоци во рамките на компанијата и кои се истовремени и целосна потпора на вкупната дигитализација и осовременување на производствените процеси.

Секако, денес сме сеуште на почетокот на новото 5G време, и можеби денес не сме ниту свесни на кој се начин 5G технологијата ќе го промени и олесни начинот на кој функционираме и како поединци, но и како општество. Дигитализацијата на сите сфери од животот, автоматизацијата на нашата околина со илјадници сензори кои ја пренесуваат нашата околина во дигиталниот свет но и новите алгоритми базирани на вештачка интелигенција и машинско учење се само вовед во промената на  нашите животи, секојдневните навики, безбедноста и продуктивноста кон подобро.

Назад

Слични содржини

Card image cap

М-р Маријана Димоска

akcija.com.mk е онлајн продавница која нуди широка палета од преку 20.000 производи за домаќинство, декор и мебел, по принципот “склопи сам“...

Дознај повеќе
Card image cap

Тијана Станојевска Ристовска

Генерален директор

Дознај повеќе